Јас сум господар на моите мисли
Бидејќи во краток период почнав да работам на тоа да сменам полно нешта во животот, некако природно беше, ама тоа го сфаќам сега, тогаш не, дека нема веднаш да успеам во сè. И покрај тоа што се трудев, од време на време, се враќав на старите грешки и навики, и некако тоа почна да ме нервира. Почнав да вртам во глава мисли: „Што се нафатив на ова, нема шанси да го сменам, не можам веќе, знам дека треба да продолжам ама не можам...“ Ми фалеше нешто што навистина ќе ме убеди дека морам да продолжам.Често на пауза од работа одев до Рамстор и со оглед на тоа дека со години работам на истата локација, секогаш користев еден скратен пат за да стигнам до таму. Но, после 5-6 години, почнаа да градат на тоа место и скратениот пат го затворија. Значи мораше да се врти од друга страна. Во еден од деновиве кога бев со намера да се откажам од работата на себе, тргнав на пауза повторно накај Рамстор. И по 100ти пат, по грешка, тргнав да одам по скратениот пат. Кога стигнав до таму и видов дека е затворено, без многу да губам време, си помислив „Ооо по навика тргнав пак од тука“, си се свртев и почнав да се враќам назад за да одам по патот од околу. Ама тогаш кога тргнав да се враќам, некако во глава ми дојде мисла: „Еееј, па не си ти волку фина со себе кога грешиш други работи“. Ухууу, колку ме освести мислава, и сега се ежам додека го пишувам ова.Јас за тоа што го грешев патот имав оправдување дека е „нормално“, бидејќи 5-6 години одам по тој пат и по навика тргнувам натака. Без збор, кога згрешив, се вратив и тргнав по нов пат, а за сè ова што сакав да го сменам кај мене, немав оправдување дека грешам и дека се случува да се враќам на старото иако имав вкоренети навики, уверувања, мисли, влијанија кои беа стари дури 30 и повеќе години. Ууу какво освестување и олеснување беше ова за продолжам понатаму без фрустрациите и вината што ја имав претходниот период кога не ми успеваше сè што сакав да постигнам.Сфатив дека сите негативни мисли, сите „граници“, сите навики, сè што ме нервираше едноставно беше производ на моите мисли. Нешто што го имав зацртано во глава, без разлика дали јас сум го измислила или некој ми го кажал, па сум го прифатила дека е така и „точка“. Им дозволив на мислите да ме водат, наместо јас да господарам со нив.Мислите мора да се водат на „краток ланец“ 😄, нешто слично како кога шеташ куче. Ако му го пуштам многу долго ланецот, ќе тргне каде што сака и ќе почне да ме влече напред, а јас да трчам по него. Ако му го скратам ланецот, јас ќе го водам, ќе оди до мене и заедно ќе уживаме во прошетката. Ете толку е едноставно.Намерно избирам вакви споредби, за да освестиме за тоа колку полесно применуваме некои мерки кон надворешниот свет и колку истите тие ги сметаме за „тешки и невозможни“ кога треба да ги примениме врз себе.Значи најважно е да го препознаете моментот кога почнуваат мислите да владеат со вас и да ги сопрете. Не е ништо страшно да го згрешите патот и да се вратите назад за да го најдете новиот пат. Само сменете го текот на приказната (што си ја правите во глава) од негативен во позитивен, од можам во не можам, од нема да успеам во ќе успеам... Го можете тоа, сигурно, колку и да ви изгледа мачно и невозможно сега, бидејќи ВИЕ СТЕ ГОСПОДАРИ НА ВАШИТЕ МИСЛИ! 💕