logo

# Илустрација

Јас + природа = енергија

насловна слика
Колку повеќе се насочував кон себе и кон тоа да успеам да си ги слушнам мислите и желбите, толку помалку сакав да слушам за други луѓе, некои настани и случки од кои не бев засегната. Затоа морав некако да се „осамам“, иако морам да признаам дека ни претходно не бев некој лик што многу сака гужви, галама, настани... значи, искрено, не ми падна многу тешко ова 😃Многу добро се сеќавам дека баш тие денови, прочитав една статија за „свесно одење“. Почнав да истражувам околу тоа и наидов на некои вежби, водени медитации (глас што те води додека медитираш), објаснувања како да стигнеш до момент кога ќе станеш свесен за она што те опкружува и како да црпиш енергија од природата. Едноставно морав да ја смирам „бучавата“ што ја имав во главата за да можам да се слушнам себе си.Одлучив дека наместо да одам на кафиња во гужви, каде што е загушливо, полно со луѓe, место да слушам муабети што не ме интересираа и да се надвикувам поради гласната музика, ќе одам скроз сама на кеј и ќе пијам кафе сама со себе. Ќе уживам во мирот, ќе ги слушам звуците од природата и ќе си направам убав муабет. (Инаку одам сè уште по кафиња ама бирам со кого и ако може избегнувам да биде во кафич, подобро е на отворено) 😃И ова беше навистина поинаква прошетка на кеј. Не како тие до сега, кога одев на кеј ама имав други мисли во глава, кога муабетев со некој, кога природата беше тука ама јас не бев свесна за неа. Ова беше првпат да бидам толку блиску до сонцето, до Вардар, до тревата, до дрвјата...И беше почеток на сите следни вакви прошетки и уживања во природата. Понекогаш шетам и размислувам за себе, понекогаш само седам или читам на некоја клупа, но секогаш свесна дека сонцето е тука, не за да ме пече, туку да ми подари енергија која ја впивам и ја акумулирам, енергија која ќе ми помогне да се изборам за сè што сакам да го постигнам. Некаде прочитав и дека водата има моќ да однесе со себе непотребна енергија. Па така гледам во Вардар и си помислувам: “Те молам однеси ги далеку од мене сите грижи и негативни мисли“ и тоа навистина се случува. Си одам дома без грижи, со едно чувство на леснотија кое претходно многу тешко го постигнував. Птиците некогаш ми прават друштво и ме потсетуваат колку е убаво кога си слободен и безгрижен. Всушност нели се стремам кон таа состојба.Е кога ќе кажев на некој дека одам сама, имеше коментари од типот: „ Де бе сама, што ќе правиш?“, „Ќе шеташ сама?“, „Ќе те гледаат ко неарна што седиш сама“... Ама тоа се нивни мислења и предрасуди, не мои. И јас не би ги ни спомнала. Тука ги спомнувам, пред крај, само за да кажам дека сум се соочувала со тоа, ама не сум дозволила да ме пренасочат во намерата или било како да ми влијаат. Денес веќе ги снема тие коментари, видоа дека може.Имам неколку пријатели на социјални мрежи кои постојано ставаат фотографии од кејот на Вардар. Иако некој кога ќе ги види, можеби ќе каже дека не се ништо посебно, јас знам дека ги ставаат поради воодушевувањето и убавината што ја доживуваат кога се таму. Сите што го доживеале ова сплотување со природата, верувам дека поинаку ја сфаќаат фотографијата. Исто како мене.Ви препорачувам да ја пробате оваа техника за да станете поблиски со себе, со своите мисли и да се наполните со позитивна енергија. Меѓу другото помага и да престанете да се плашите од самотија и поради тоа да прифаќате секакви токсични односи, само за да не бидете сами. Ќе сфатите дека нема ништо страшно, баш напротив, убаво е да се запознаеш подлабоко. Епа ајде, најдете си некое место каде што ќе се „уштекате“ во природа и полнете батерии со убава енергија и позитивни мисли. 💕

Коментари


Остави коментар