logo

# Илустрација

Го следам патот што го зацртав

насловна слика
Уште кога го напишав првиот статус за најава на проектов, кажав дека целиот процес на трансформација е три чекори напред, еден назад. Еден куп дилеми, откажувања, предомислувања, па повторно проби, па грешки, па успех и радост... Секое совладување на некоја вежба или техника беше такво, некогаш полесно, некогаш потешко. Но, некаде пред година и половина имав еден период кога буквално го напуштив целиот концепт, некако немав сила да продолжам понатаму. Ова се случи преку ноќ. Ама навистина. Се разбудив едно утро и веќе немав желба да практицирам ниту една од вежбите, ниту да медитирам, како да ја немаше енергијата што обично ја имав во мене, а реалноста беше дека скоро сè имав совладано. До тој степен што тоа веќе го сметав за свој стил на живот и искрено многу ми беше чудна оваа состојба. Немав реално објаснување за неа, немав причина да се чувствувам така, ама едноставно беше посилно од мене, не можев да го победам. Барем не во тој момент.И траеше оваа состојба многу подолго од претходните откажувања. Тие траеа по ден, два, три... Ова траеше 2 месеци. Секој обид за медитација, завршуваше по 2-3 минути, секоја книга на првите 2-3 страници, секоја вежба не успеваше, па уште повеќе ме фрустрираше и само ми потврдуваше дека не можам веќе и само ми вртеше во глава: „Што ми требаше да се нафатам на ова?“.Разговарав и со луѓе што ми се блиски и што знам дека го следиме истиот пат, но ни тоа не ми помогна. На секој муабет имав по едно АМА, по нешто што не можев, не сакав... И на крај завршував со мисла: „Зошто сега никој не ми помага на мене, јас колку се трудев да им помогнам на нив...„ Па затоа што не требаше да ми помогнат другите, туку јас самата. Сакаа да ми помогнат, ама јас не им дозволував. Затоа што ова беше еден голем испит кој требаше да го поминам, за да покажам дека сум научила нешто. Требаше да покажам дека можам, дека нема назад во минатото, дека треба да го прифатам сегашниот момент таков каков што е без да наоѓам изговори, дека целата моќ и одговорност е во мене и во никој друг. Кога се присетив на ова, веќе како да почнав да се враќам на патот по кој тргнав. И како што секогаш се случува во овој процес, тогаш кога ќе ти треба некој одговор, ќе ти стигне од некаде како порачан. Mене ми стигна едно видео со порака: „Ок е понекогаш и да не си ок.“ Да, тоа ми требаше како одговор. Сакав да знам дали е во ред што се чувствував вака. Мнооогу ми олесни оваа мисла. Знае да биде напорно и исцрпувачко, а и дефинитивно беше погрешно кога се трудев по секоја цена да бидам на висока вибрација. Ова некако ме опушти. Ми ја даде и тука комплетната слобода кон која се стремев.Сега има денови кога се ставам на пауза и уживам. Во денови кога не сум ок го припишувам тоа на астролошкиот транзит, така ми е најлесно 😀. Или: „Денес сум станата на лева нога“ (иако се трудам секогаш да станувам на десна) 😀 И веќе не се мачам. Едноставно: „Денес не сум ок“. Тогаш не морам ништо да правам. И тоа е супер, бидејќи веќе следниот ден или за два дена знам дека ќе сум ок. Ќе си го следам патот кој го зацртав.Видеото многу ми помогна, но веднаш потоа се надоврза и една книга која ме потсети на моќта на благодарноста. Веднаш почнав да ја применувам и за неколку дена успеа да ме врати на истата вибрација која ја имав пред овие два месеци. Тогаш сфатив колку голема грешка ќе направев ако се откажев. Сега дефинитивно знам дека не сакам да бидам таму каде што бев некогаш. Ова е мојот избор.  Ова е мојата реалност. Дури и сега во оваа ситуација, кога мораше да седиме дома имав прилика да ги тестирам повторно сите работи кои ги учев низ годините и да ги проверам повеќето одлуки што сум ги донела. И искрено мислам дека благодарение на тоа, не ми падна тешко седењето дома. Некако сега повторно си потврдив дека сум на вистинскиот пат. Не се согласував и не се согласувам ни сега дека треба да седиме дома, такво е моето уверување, но кога веќе одлучив да ги почитувам мерките, барем сум среќна дека си потврдив дека сум во склад со себе. Сите приказни до сега беа на некој начин позитивни. Оваа и не е толку, но одлучив да ја раскажам и неа бидејќи е дел од овој процес. Па нели понекогаш е ок да не си ок. Веројатно се случува секому или барем на повеќето, но ги раскажуваат само убавите работи. И јас сакам да ги помнам само тие, но ова беше една лекција плус. Беше дел од мојата реалност, па сметам дека е добро да се научи и да се раскаже. Се надевам ќе му помогне на некој ако се најде во ваква состојба. Не се откажувајте, само прифатете ја на некое време, одморете се и потоа повторно продолжете по патот кој сте си го зацртале.💕

Коментари


Остави коментар