logo

# Илустрација

Го оставам минатото зад себе

насловна слика
Да, дојде време кога требаше да го оставам минатото зад себе. Поточно да најдам начин да се ослободам од стравовите што ги имав, некои мисли и уверувања од минатото и болести кои не беа страшни, но ми се повторуваа. Всушност во оваа фаза ми трбаше време за да сфатам дека сето ова го произведувам со моите мисли. И сега не викам дека сè уште немам стравови, уверувања кои не ми служат и по некој момент на слабост во организмот, но ми е многу важно дека брзо го препознавам тој момент и веќе следниот сум со мисла: „Чекај, си правиш „филм“ во глава, не е страшно“.Стравови можеби и немав многу, дури имаше и моменти кога си мислев дека воопшто не се плашам од ништо, но имаше случки што ме демантираа и откако ги увидов, ми требаше поприлично долго, не за да ги снема скроз, но барем да ги ставам под контрола. Мислам дека најмногу ми помогна тоа што некаде прочитав дека стравовите се нереални случки кои ги создаваме во мислите и всушност понекогаш дури и ги привлекуваме, бидејќи фокусот ни е баш на тоа што не сакаме да се случи. Јас точно тоа и го правев. Размислував што ако нешто се случи и всушност тоа ме парализираше и ме одвраќаше од еден куп работи. Некои од стравовите беа и стекнати од надворешни фактори: „Не оди таму, не го прави тоа може да ти се случи нешто, кај најде сега по вакво време да тргнеш, не ли ти е страв во темница....бла, бла“. И додека барав начини да се убедам дека не треба да си правам такви стравови, налетав на едно видео од  Ана Бучевиќ, каде што со една реченица ми кажа сè што требаше да слишнам околу стравовите: „Ако дојде моментот да треба да ми се случи нешто и кога вистински треба да го почувствувам стравот, подобро да биде тоа еднаш отколку да го преживувам тоа секој ден по 2-3 пати само заради тоа што си „мотам“ такви мисли во глава.“ Ооо ова беше стварно олеснувачки, едноставно ме убеди дека треба да го живеам животот комплетно опуштена бидејќи на крај на денот, барем нема да жалам што не сум направила нешто само заради тоа што ми било страв воопшто и да тргнам. Или реченицата што често ја коститам: „Ок, има некој што седел дома и се задавил од бонбона„. Знам не звучи добро, ама е многу освестувачка, за тоа што сè може да се случи па дури и ако не излегувате од дома за да не се случи нешто. 😳Стравовите понекогаш всушност мене ми доаѓаа и од уверувањата. Многу работи ме плашеа или ме фрустрираа само заради тоа што низ животот сум си стекнала некои уверувања, сум ги прифатила така како што некој ми ги кажал бидејќи сум го сметала за авторитет, за некој што има поголемо искуство од мене...но, со тек на време сфатив дека можеби најдобро е да се учам од сопственото искуство. Прво заради тоа што секој има различно искуство и со својата енергија различно поминува низ работите, второ заради тоа што кога самата поминував низ нештата ми носеше тоа поголема самодоверба и градев мои, нови уверувања. Клучно за разбивање на уверувањата што не ми служеа беше моментот да се натерам да ги разберам другите. Ми требаше долго време за да сфатам дека секогаш наспроти мене стои некој друг кој што исто така има свои уверувања и мисли дека неговите се исправни. Ми требаше време да сфатам дека и другите како и јас имаат свои идеи, раснеле во некои други околности, имале некое друго искуство, поинакво минато од моето. Многу често знаев со саати да се убедувам со некого за нешто, имав потреба да им докажувам и слично. Понекогаш тоа го правам и денес, кога ќе дозволам да ме повлече нечие убедување, ама ми треба многу пократко време да престанам, бидејќи се побрзо ми „светнува“ реченицата во глава: „Подобро да имаш мир, отколку да си во право!“. Сигурно си ја кажувам секој ден барем 2-3 пати. И помага, да, можеби нема да се убедам со некого, но барем сфаќам дека не сме на иста бранова должина. Во однос на болестите дефинитивно најмногу концептот ми го смени Лујза Хеј. За мене таа е мој матичен доктор. Има комплетно поинаков пристап кон болестите од класичната медицина. Кажува дека секоја болест е некаков отпор на организмот и опомена дека некаде грешиш. Ме научи дека не треба да се плашам од болестите туку да им бидам благодарна бидејќи тоа треба да ме потсети дека претерувам со нешто, го мачам организмот со некои мисли. Ме научи дека сите болести доаѓаат од мисла, всушност таа така и ги лечи болестите, ја лечи причината, а не последицата. Има изработено цела табела на болести, односно на мислите кои се причинител на одредена болест и афирмации што треба да ги применувам, но јас афирмациите скоро и ги игнорирам, мене ми е доволно што ќе се освестам која мисла ме разболела и веднаш работам на тоа да ја отстранам, а со тоа и болеста. Секако дека тоа не оди толку брзо, понекогаш едноставно многу тешко се справувам со некои мисли, но секогаш ми успева. Ако некој прво што прави оди на лекар или во аптека, јас прво што правам кога ќе почувствувам дека се разболувам, ги барам причините кај Лујза Хеј. И многу сум среќна дека имам многу подобро здравје во однос на претходно. Тоа можат да го потврдат и луѓе коишто ме знаат подолго време.Сите овие работи, што трба да ги оставите зад себе, не се толку едноставни колку што звучат во текстот. Не сакам да ве обесхрабрам , туку да кажам дека бараат многу труд, посветеност и вежба. Но, ве уверувам дека ќе симнат од вас уште еден камен што несвесно го носите како товар по себе и ќе отворат простор да влезе енергија во вас која што ќе ве натера да го живеете животот без задршка. Да не жалите за ниту една пропуштена шанса. Па нели идејата е да ја доживееме слободата и полетноста на пеперутката. Ви посакувам убав лет! 💕

Коментари


Остави коментар