logo

# Илустрација

Фокус на позитива

насловна слика
Ех, се погоди оваа илустрација да треба да ја објавам баш тогаш кога најмногу треба. Кога секој ден е борба да се задржи позитивна мисла, да се гледа позитивно на работите и покрај тоа што сме сите некако преплавени со информации што не се баш позитивни. Многу добро знам од оваа перспектива дека некако природно луѓето многу повеќе сакаат да зборуваат за негативните работи отколку за позитивните и баш заради тоа ептен тешко ми оди деновиве да се справам со тоа и по малку ме фрустрира кога ќе ме „повлечат“ негативните мисли. Се чувствувам поразено бидејќи знам колку тешка војна водев за да стигнам на некое ниво каде што повеќе ќе ги перцепирам позитивните отколку негативните работи.Ама тоа не значи дека ќе се откажам. Веројатно оваа ситуација ми е тест за да проверам до каде сум. Е сега малку за тоа како почнав да вежбам да се фокусирам на позитива. Читав дека треба да ја сменам приказната и дека треба да почнам да гледам на работите позитивно, што секако не ми тргна од прва, бидејќи не ми беше ни доволно убедливо, ниту пак така „преку ноќ“ нешто ќе ме убедеше. Мислам дека првпат ми „кликна“ кога во едно видео авторката зборуваше за работи што те оттргнуваат од позитивните мисли и кажа дека премногу читаме црна хроника, а реално ние со тоа што ќе го прочитаме никако не можеме да помогнеме освен што после прочитаното ни останува само чувство на тежина и што мислите ни се насочени кон негативно. Wow! Јас баш тоа го правев. И следно беше еден ден кога буквално ми се згади од сите работи што ги испрочитав по социјални мрежи и стварно во момент одлучив дека нема шанси веќе да гледам и да читам такви глупости од постови и коментари. Си седнав и од сите социјални мрежи ги избришав порталите што постираат вести. Ако ми се читаат вести за да бидам во тек, ќе си одберам кој портал ќе го отворам. Сите пријатели на ФБ и инстаграм, што ширеа паники, цел ден ругаа, мрчеа, плукаа по сè, ги ставив на unfollow (ете сега ќе дознаат каков статус имаат кај мене 😃) и престанав да гледам телевизија. Ако сакам да гледам нешто, има интернет, може да си одберам што ќе гледам, а не некој што ќе ми сервира. Со една реченица, мене социјалните медиуми почнаа да ми цветаат. Имаше само убави дизајни, позитивни мисли, добра музика...Следното за што почнав да размислувам беше тоа дека јас всушност секогаш кога ќе видев нешто позитивно дека создал некој, дека е добро, дека некој се потрудил, си помислував „еј браво!“ ама никогаш не му го кажував тоа на човекот (мислев дека се подразбира), дури многу малку и стискав Like, скоро никогаш, а секогаш кога ќе требаше за нешто да се мрчи, да се искоментира негативно, не ме мрзеше да пишувам ни коментари, ни статуси. Ок, видов, ете сум грешела, ајде да се фокусирам на тоа да им оддавам признание на луѓето што создаваат добри дела. И ова ми помогна многу. Давањето позитивни коментари ми ја дуплираше позитивната енергија, давањето негартивни коментари ми одземаше енергија. Преубаво е чувството кога заеднички се радувате на нечии успеси. Мене ова не само што ми помогна да го сменам фокусот туку ми донесе и неколку нови прекрасни пријателства (ќе си се препознаат). И многу интересно, почнаа и мене да ми стигаат позитивни коментари за мојата работа. Некако како полека да почна да се гради еден нов свет околу мене. Јас верувам дека мислите имаат огромна моќ, па така и за силниот земјотрес што беше во Скопје пред некоја година, мислам дека го предизвикавме со сите лоши работи што ги зборевме за Скопје. Бевме лути за се што се градеше, што никој не нè прашал, не се сложувавме со политиките, бла, бла... Ама мене толку многу ме уплаши сознанието, дека за една минута може да ни се смени толку многу и неочекувано животот, што кога си дојдов на себе после неколку месеци одлучив дека морам да му се оддолжам на Скопје што не чува сите и покрај тоа што ние не кажавме ниту еден добар збор за него. Решив дека ќе го направам проектот кој му го посветив, а ми беше во глава долг период, но никако претходно не седнав да го сработам. И поминав многу убави денови, фокусирана на сите убави работи што ни ги нуди Скопје. Испадна дека воопшто не биле малку, баш напротив имаше многу, а и го засакав уште 100 пати повеќе. Дури ги вклучив и новите градби во проектот иако знаев дека ќе наидат на критики. Но, мене не ми беше гајле, побитно ми беше дека за мене Порта Македонија беше спомен за мојот прв истрчан полумаратон.🏅 Јас никогаш повеќе не сум сакала да ја видам отколку во тој момент. Новиот театар беше симбол за еден преубав џез фестивал и уште неколку театарски претстави во кои уживав и се смеев до солзи. Ете можеа да бидат и само градби со кои не се согласувам ама јас одбрав да бидат убави спомени. ❤️Го раскажав ова бидејќи на една презентација за мојот проект го спомнав истово ова и откако завршив со говорот ми се приближи една госпоѓа и ми рече: „Фала што го кажа ова за новите градби во Скопје, не си ни свесна колку ми го смени погледот“.  И госпоѓата ме научи мене колку е убаво чувството да ти даде некој признание за тоа што си го направил.Се надевам ова дека барем малку ќе ви помогне да го смените погледот на светот. Секогаш кога ќе почнат да ве преплавуваат негативни мисли, само сетете се дека мора да има и нешто позитивно, почнете да го барате, можеби е некаде скриено ама ако сте доволно посветени ќе го најдете. Ајде другари, со фокус на позитива ќе победиме сè! 💕 #ГледајПозитивно

Коментари


Остави коментар