logo

# Илустрација

Да се запознаеме

насловна слика
Дефинитивно за мене една од најтешките техники за вежбање и примена ама и меѓу најкорисните откако ја совладав. Многу пати ја среќавав во различни книги и видеа, препораката дека треба да застанам пред огледало и да се запознаам себе си, ама некако премногу ми изгледаше без врска за да ја применам и долг период ја прескокнував. Меѓутоа Лујза Хеј (мајката, изумител на техникава) упорно во секоја нејзина книга инсистира на неа, па после многу, многу долг период на одбивање решив да почнам да ја применувам. Секако дека се гледав јас во огледало постојано и пред ова, меѓутоа стандардното гледање во огледало што сите го применуваме најмалку еднаш во денот е многу поразлично од гледањето во огледало поради примена на техникава, а секако и целта им е многу различна. Претходно се гледав во огледало за да си ги најдам маните во физичкиот изглед, да ги корегирам и да си бидам допадлива и на себе и на сите што дента ќе ме сретнат. Додека со техникава требаше да го совладам, спротивното, односно да престанам да си ги барам маните и да си кажувам убави комплименти на сама себе, со цел да се запознаам и да се засакам. Првиот обид беше нешто сличен како чекање во некоја чекална со некој непознат лик. Седиш и од непријатност од време на време се погледнувате, па од непријатност ќе си пратите по некоја насмевка со мисла: „скапавме тука„, па ќе си размените по еден збор, па ќе фатите муабет за времето (топло е, ладно е), колку да ја прекинете тишината, па на крај ќе си разврзете муабет. Е така е и ова. Крајно непријатно беше чувството ама решив дека ќе седам да крај. Малку ќе се погледнев, малку гледав некаде на страна, па почнав да си се насмевнувам, па да правам „фаци“, па се натерав да си кажам „здраво!“. И за првиот ден беше доста.Следните денови почнуваа со „здраво“ и продолжуваа со по некој муабет што ќе си го направев за тоа како сакам да ми помине денот, како изгледам денеска, си давав комплименти и мора да признаам дека од ден на ден беше се полесно. Сега веќе не само што секој ден штом ќе се погледнам во огледало си викам: „Добро утро!“, туку и си се штипнувам за образ во знак на благодарност што успеав, па си продолжувам да си кажувам позитивни работи за себе. 😂 Што да правам, таква е техниката, а јас ако се нафатам на нешто, многу сум исполнителна и не се откажувам... Мора да има резултат. 😂Знам дека звучи скроз лудо, ама не ја игнорирајте оваа вежба. Помага многу, особено за да се засакате себе си. Ќе се изненадите колку до тогаш не сте се сакале и сте се игнорирале. Оваа техника дава толку многу самодоверба и љубов што потоа ќе се браните и ќе се почитувате толку многу колку кога сте спремни да го браните некој што најмногу го сакате. Ќе видите колку многу кочници сте си ставале и колку многу не сте се почитувале себе си, а сте очекувале другите да ве почитуваат. Ајде другари, најдете си го најсоодветното огледало што го имате дома, гланцнете го и седнете на муабет. Сега барем имате време. Верувам дека ќе станете најдобрата верзија од себе и својот најдобар пријател. 💕П.С. Па споделете некое искуство, знам дека ќе има интересни. 😄

Коментари


Остави коментар