Често подарувам насмевка
Често подарувам насмевка. Хмм.. .да бидам искрена треба и почесто, ама со оглед на тоа колку ретко го правев тоа претходно и ова го чувствувам како голем успех. Јас за себе сметам дека сум човек што многу се смее, но оваа насмевка е поинаква. Лесно е да се смеам со некој што супер го познавам, што делиме заедничка енергија и си го препознаваме хуморот. Да, со такви луѓе понекогаш ми се случувало и да плачам и да се смеам во исто време, но оваа насмевка за која што зборувам сега има улога да ја приближи и „омекне“ енергијата на некој со кој не сум на иста бранова должина, некој кој не го познавам, некој што ќе тргне со негативна енергија на мене, на некој на кој едноставно сакам да му го разубавам денот или да го натерам да се насмевне. Всушност да размениме позитивна енергија и да се опкружиме со среќни луѓе.И ова со насмевкиве беше дел од вежбите кои требаше да ги спроведам на патот до духовната слобода и да ме убедат во моќта на насмевката. Можеби на некој ќе му делува едноставно, дури и познавам такви луѓе што веднаш знам дека ќе речат дека немаат проблем да се насмевнуваат ама мене ми одеше тешко. Веројатно поради тоа што сум човек кој тешко се опушта пред непознати, фокусирана сум да ги проценам тие спроти мене или на кратко кажано „намќор“ 😏 сум по природа и заборавам да се насмевнувам.Ама ги прифатив вежбиве како предизвик. Прво требаше да се сетам и да напишам за некоја случка каде што насмевката играла толку „голема улога“, па оставила траен печат на тој настан. За ова не ми требаше многу време. Многу убаво се сеќавам, иако беше пред 20 години. Првите денови на факултет, кога познавав само неколку луѓе и кога уште секој со секого се запознаваше, пред почетокот на едно предавање, ми се приближи една девојка со огромна насмевка и без многу да се воздржува ми кажа нешто како: „Јас одлучив да седнам до тебе, некако баш ми се допаѓаш...“ и си седна така насмеана и зборлеста, и не само на тоа предавање, туку секое следно, во следните четири години си седевме една до друга. Ми стана една од најдобрите другарки, сродна душа, заедничка енергија... Еве и после 20 години, уште ме дочекува со истата огромна насмевка секогаш кога ќе се договориме да се видиме и иако не се гледаме многу често, муабетот си тече како секој ден да сме заедно. Јас, еве уште не знам што препозна таа тој ден кај мене, ама мене сигурна сум дека ме „освои“ насмевката. Па, не е малку, една насмевка да ти подари другарка за цел живот, и тоа од оние што треба да се чуваат, бидејќи не треба да им објаснуваш зошто не си се јавил, „те нема“, „имам време, немам време“... едноставно ќе те дочека насмеана. Знам дека ќе се препознае, па ќе кажам: „ФАЛА, што ми покажа како треба и што го скроти „намќорот“ во мене!“ 💕Следно што требаше да направам, како дел од вежбава, беше да почнам да им се насмевнувам на луѓе без некоја посебна причина. Едноставно како знак на благодарност или за да размениме позитивна енергија, бидејќи многу често доаѓам во контакт со луѓе кои заслужуваат насмевка ама некако јас заборавам да им ја дадам. И почнав да го вежбам ова, да се фокусирам на делење насмевки. Понекогаш беа луѓето што стојат до мене на семафор, некогаш деца што мафтаат од задно седиште, некогаш продавачите по маркети, некогаш луѓето што работат на паркинг... и толку добро ми „тргна“, ми помагаше да си ја подигнам вибрацијата што по некое време сфатив дека одам по улица насмеана без некоја посебна причина. Неверојатно чувство! Можеби тогаш за првпат ги сфатив госпоѓата што правеше тостови и девојчето што сецкаше сувомеснати производи во „Веро“ зошто се секогаш насмеани. Претходно секогаш им се чудев, како успеваат, ама сфатив дека со насмевка си ја привлекуваа позитивната енергија на купувачите. Со нив никој, никогаш не се расправа и веројатно сите како мене, сакаат да ги служат токму тие. Уф, колку беше добра вежбава. Откако го совладав ова, некако полесно одеше и следната фаза. Кога треба да се насмевнам на некој со кој што многу повеќе би сакала да се искарам. Охоо, тешко е ова за совладување. Посебно кога ќе ме преплавеа негативни емоции. Ама најважно ми беше да се сетам на моментот дека треба да ги прекинам и со насмевка да ја свртам приказната да добие позитивна завршница. Понекогаш дури кога бев поприлично сигурна дека има шанси личноста да ме доведе во таква ситуација, тргнував спремна. Си ставав на мене едно ланче или алка како потсетник, секогаш кога ќе го допрам да ме потсети дека треба место да се изнервирам, да се насмевнам. Многу добро функционираше. Тогаш вистински ја сфатив фразата: „ме купи со насмевка“. Неверојатно е колку насмевката може да го смени текот на енергијата. Едноставно како да исчезнуваат сите негативни луѓе. Или некако кога ќе им се насмевнев како да губеа желба да се расправаат со мене. Ова одлично функционира и во сообраќај. Таму најлесно „пламнуваме“ ама ако само наместо да почнам да му свирам на некој или да му урлам бидејќи тој ми свири на мене, му се насмевнам и добивам или збунет поглед или насмевка за возврат. Така цел ден ми е супер, а можел да ми биде и лош, ама се зависи од мојата реакција. Делењето насмевки многу ми ја промени целосната енергија и погледот на луѓето. Некако ме натера да ги сфатам бидејќи и јас бев таму. И сега сум некои денови „станата на лева нога“ и не ми успева да се насмевнувам, ама барем знам дека е само тој ден и утре ќе продолжам пак, бидејќи насмевките прават еден поинаков свет. Знам дека со насмевка ќе си го разубавам и мојот ден и на некој друг. Се трудам дури и кога испраќам мејлови, на крај најчесто да испратам и една насмевка. :) Иако некои сметаат дека не е професионално и делува несериозно, јас сметам дека ќе изнуди насмевка и од другата страна и ќе ни даде една поубава енергија на целата комуникација.Ете раскажав уште една приказна за мојата „борба“ со среќен крај. Со надеж дека ќе поттикне еден куп насмевки. Ќе привлече многу поубави денови, многу посреќни луѓе ☺️💕