logo

# Илустрација

Благодарам!

насловна слика
Често среќавав препораки дека треба да се применува благодарноста како техника за привлекување на позитивни вибрации, ослободување од уверувањата, освестување... Дека треба да се заблагодарувам за сè што имам во животот. И првата мисла кога ќе го спомнеше некој тоа, мене ми беше: „Па, благодарна сум...“, ама не, не бев благодарна и не на таков начин. Оваа кажување благодарам или фала е поинкаво од она на кое што нè имаат научено да го кажуваме и кога треба и кога не треба, и повеќе е знак за добро воспитан човек отколку што го правиме поради неговото вистинско значење. Можеби се сеќавате дека кога се отворија првите ресторани на Мек Доналдс кај нас, ги имаа обучено вработените на секое подавање помфрит или сок или што и да е, да си кажуваат меѓу себе благодарам. Толку беше механички и без емоции тоа, што зборот ја губеше смислата. Ја губи и кога малите деца ги тераат на секое нешто што ќе им го подаде некој, треба да кажат фала. Најчесто им носат лижавчиња и чоколади. И од „култура“ треба да се заблагодарат, а полни се со хемија. 🙃Ги наведов овие примери за да кажам дека ова кажување благодарам (од вежбава) е сосема поинакво од ваквите бесмислени работи кои го имаат потценето значењето на зборот. Оваа благодарност се однесуваше на сè што имав, а не бев свесна. Најмалку на материјални работи.Првпат се убедив дека треба да бидам благодарна и дека до тогаш навистина не сум била, кога ми посочија да спроведам една вежба во која требаше да си ги врзам очите со платно, да не можам да гледам и да се обидам да сварам кафе или чај. Охоо, колку беше освестувачка вежбава. Јас да бидам искрена не ја направив, доволно беше што ја слушнав. Знаев дека ќе биде скоро невозможно или во најмала рака, огромно мачење, ама во истиот момент сфатив што сè поседувам, а го земам „здраво за готово“. Колку треба да сум благодарна за тоа што можам да гледам, да работам со рацете, да размислувам...Оваа вежба мене и денес ми ги предизвикува истите емоции, буквално секогаш кога ќе помислам на неа, па дури и сега кога пишувам, ми прави да ми се наежи телото од целата таа благодарност што ме облева во момент. Откако ми покажа вежбава како треба да размислувам, сфатив дека јас сум многу богат човек. Богати сме сите луѓе ама не сме ни свесни колку многу. Ние некако сме научени за богатство да го сметаме материјалното и тоа нè тера постојано да мислиме дека имаме недостаток од нешто. Може нема да звучи реално, но некако од ден на ден се помалку имав потреба од материјални работи. Престанав да посакувам да купувам нешто ново. Сфатив дека всушност сум била во замка. Потрошувачкото општество е така конципирано, да постојано нè тера да мислиме дека немаме доволно и да се стремиме постојано кон нешто ново. Секој ден излегува нов модел на мобилен телефон, коли, компјутери, се менува модата секоја сезона и всушност целата приказна е свртена наопаку. Наместо тие да ни служат на нас, ние им стануваме робови. Кога почнав да се заблагодарувам, почнав да сфаќам дека всушност јас посакувам да купам нешто ново, само за да ми внесе тоа некоја нова енергија и да ми пружи некоја радост од 2-3 дена, а не дека навистиа ми треба. Но, истото ова чувство, дури и многу поубаво можев да го постигнам сега кога почнав да кажувам фала за сè што имам. Неверојатно е каква радост и позитивна енергија внесува благодарноста. И колку многу почнав да се сакам себе си. Знам дека ова што ќе го напишам изгледа чудно, ама јас почнав да си ги галам рацете и да ги бакнувам, кога сфатив дека всушност со нив имам направено еден куп прекрасни работи како дизајни, накити, цртежи, колачи... искрено мислам дека нема поубаво чувство од балгодарноста. Често навечер и обавезно пред секоја трка јас 15 минути им се заблагодарувам на моите нозе, бидејќи ме носат секаде каде што сакам да одам, го прошетав половина свет благодарение на нив, доживеав неверојатни искуства и среќа на сите истрчани трки благодарение на нив...не е малку, навистина заслужуваат благодарност. И благодарна сум им на очите што ме служат да ги видам сите бои, природата, убавините, на талентите што ми се дадени за да го работам тоа што го сакам, на емоциите што се понекогаш толку јаки што едвај се справувам со нив ама сепак сум благодарна што сум таква, бидејќи си го доживувам светот на уникатен начин...И можам да набројувам вака уште којзнае колку, како што кажав, јас сум богат човек, имам многу. 🥰Кога почнував со вежбите за благодарност, најчесто размислував во себе. Но, подоцна прочитав дека е многу подобро да ја кажуваш благодарноста на глас. Секогаш мислите се разликуваат од она што ќе го кажам на глас. Сигурно ви се случува во глава да си зборувате со сами себе и да мислите дека кога ќе се сретнете со некој ќе го кажете тоа, ама кога ќе стигнете таму, ќе си преќутите и на враќање накај дома, повторно си мислите: „Ех, како не ми текна да му го кажам ова“. Епа исто е и со благодарноста, кога ја кажувам на глас, си ја изразувам на себе и на универзумот. Треба да ме слушне. Мене ова ми одеше тешко, со години не можев да го спроведам. Ама не се откажав комплетно. Во една книга авторката кажа дека секое утро го почнува со благодарност на глас заради тоа што се буди во топла постела. Многу ми дојде мило што го имам тоа, а никогаш не сум се заблагодарила. И од тој ден решив дека ќе го правам, но бидејќи не можев веднаш кога ќе станам, решив да го правам во кола, додека возам накај работа. И така секој ден наместо да слушам радио, јас почнав 15 минути, колку што трае патот да се слушам себе си. Првите денови беше чудно, мора да признаам, особено што ќе застанев на семафор и ќе се сврти некој, ќе ме погледне зачудено зошто си зборувам сама, ама по неколку дена толку многу ме расположуваше вешбава, што престанав да се замарам кој што мисли за мене. Сега кога ќе ме погледнат, обично или им мафтам или им се насмевнувам, па од што се збунети ми враќаат со насмевка. Ете барем ќе ги натерам да се насмевнат од сабајле. 😁И така јас по пат почнувам да се заблагодарувам за сè што ќе ми падне на памет, па дури и за работи кои не се имаат случено, а јас ги посакувам, но се заблагодарувам како веќе да ги имам. Па се случува само што ќе влезам на работа, да добијам информација дека навистина се исполниле, па скокам од радост и им правам галама по канцеларија, ама многу е убава оваа еуфорија што ме држи после уште неколку дена, а и секогаш кога ќе се сетам на ваквите случки. Уникатни се овие емоции.Јас на темава можам да пишувам уште, и уште... ама ќе ја скратам приказната со надеж дека е доволна за да ве убеди дека имате сè, само треба да го побарате во вас и околу вас. Сигурно е затурено некаде „по фиоки“. И бидете благодарни кога ќе го најдете. Кога ќе почнете да се заблагодарувате, ќе ви врати универзумот со иста мера и повеќе. Ама не чекајте, пуштет да се случи. Само уживајте во емоциите што ќе ги почуствувате од глава до пети. ВИ БЛАГОДАРАМ што ме читате и што сте добри пријатели. 💕

Коментари


Остави коментар