logo

# Хумор

Заев:Ако победи Заев на избори нема да го почитува Преспанскиот!

насловна слика

Претседателот на една од најдобрите 50 партии во државава - Зоран Заев на митинг во Национална Каменица упати говор кон јавноста во кој што беше видно загрижен.

Зоран Заев ја потсети јавноста за тоа дека Зоран Заев не и мисли добро на државата и дека стравува дека ако тој дојде на власт дека нема да го почитува Преспанскиот договор, а со тоа ќе ја врати државата 250 години назад.

"Стравувам дека Зоран Заев нема да го почитува Преспанскиот договор како што тоа го правам јас. Сте му ги гледале ли неговите говори од последните избори? Тој се колне во фамилија дека името ќе остане Република Македонија и цврсто го уверува народот дека нема да има промена на устав. Па ајде ви се молам, дали можете да гласате за таков човек кој што сака да ја врати државата назад?" - изјави Зоран Заев.

Во остатокот од говорот тој продолжи со силни емоции да ја натера публиката од Национална Каменица да не гласа за неговиот соперник - "Колку пати тој во предизборната кампања најави дека ќе го смени името??? Ниту еднаш?!? Дали сакате таков човек на чело на нашата земја? Ако мислите дека ова што го говорам е само невистина, тогаш слободно погледнете ги неговите интервјуа каде што вели дека народот ќе одлучи на референдум исто како во 2004, а тој ќе го почитува мислењето на народот. Па дали сакате ваков човек на чело на државата? И ако тоа не е доста, тој уште се осмели да потпише официјален документ со Претседателот! Па ајде ви се молам! Дали мислите дека човек кој веќе е апсен и лустриран би ризикувал уште едно апсење поради непочитување на договор, устав, референдум, и ветувања? Факт е дека ако Зоран Заев дојде на власт тој нема да го почитува Преспанскиот договор, а со тоа и ќе спречи овој втор најдобар договор за нашата земја после оној во Букурешт да не донесе до ветеното место!" - изјави Зоран Заев во овој видно емотивен говор наменет против Зоран Заев.

Кампањата на една од најквалитетните педесет партии во државава ќе продолжи наскоро, а следна дестинација на караванот на партијата е Национален Брод.

Коментари


Остави коментар