Господинот Никола Груевски веќе некое време се нема појавено во државава и покрај тоа што господинот Зоран Заев го покани да дојде.
На изненадување на никого освен на Зоран Заев, овој план не успеа.
Дали некогаш ќе се врати за да се соочи со потерницата? Дали некогаш ќе се врати и ќе го вози мерцедесот кој во моментов го вози Заев? Дали некогаш ќе се врати и ќе стане лидер на ДПМНЕ кои ќе се борат против СДСМ со новиот лидер - Боки 13? Ова се можеби прашања кои ќе бидат одговорени во 2031.
Сепак, постои прашање кое денеска ни беше одговорено - Дали има прогрес во "случајот Груевски"
Оливер Спасовски беше личноста која ни го даде одговорот.
"Да, има прогрес. Го бараме насекаде. Го баравме низ Скопје до сега, па ќе се префрлиме на барање и во другите градови. Слушам муабети за некој човек што се нарекува Грујо. Не знаеме каде е тој човек, ама се сомневам дека овој човек има информации за тоа каде се наоѓа Никола Груевски. Гледам онлајн прават зафрканции дека немаме поим што правиме, но ве уверувам, во најскор можен рок ќе го најдеме лицето што го нарекуваат Грујо, а потоа и ќе го испрашаме за тоа дали има информации за тоа каде се крие Никола Груевски."
Му споменавме на Оливер Спасовски дека веќе неколку години сите знаеме дека тој е избеган во Унгарија, а тој ни одговори со "Можеби. Ќе разгледаме секаде. Прво Македонија да ја поминеме. Па потоа и Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. Со ова темпо веруваме дека до 2542 година ќе стигнеме до Унгарија. Тогаш ќе видиме дали сте во право или не. Работиме напорно."