logo

# Хумор

Оливер и Љупче во акција: Запленета дрога наменета за кафето на Кајмакоски

насловна слика

Во брза и навремена акција на Министерството за Внатрешни Работи запленети се 5 килограми дрога од непознат производител.

Ова, на прес на МВР, денеска го соопшти Оливер Спасовски.

"Пронајдени се 5 килограми дрога. Не знам што вид на дрога е, јас не сум по такви работи, единствени тревки кои јас ги користам се оние за чај, а единствена бела супстанца што сакам да ја користам е прашок за перење. Можеби не знам што дрога е, но знам за што била наменета. Се сомневаме дека дрогата имала за цел да биде искористена од страна на госпоѓа со иницијали Б.н.К. со цел тој да има здравствени проблеми откако ќе го испие кафето со дрога. Госпоѓата Бившата на Кајмакоски ќе биде повикана на информативен разговор." - изјави Спасовски на почетокот на пресот, по што беше прекинат од страна на неговиот телефон.

"Извинете, ми се јавија сега од екипата, не биле 5 килограми, ми кажаа 2 килограми биле. Како и да е. Сакам да кажам дека ова е ептен сериозен проект кој го направивме сами, без помош на ДЕА, ТЕА, НЕА или други женски кратки имиња. Само двајца луѓе против целата нарко-империја. Јас и Љупчо Николовски. И не знам дали ќе ви се верува, ама целата акција настана случајно. Имено, господинот Љупчо Николовски беше на акција за апсење на кафе со поминат рок. И сосема случајно приметил траги од дрога во едно од пакувањата. После брзата акција дознавме дека дрогата како и кафето биле наменети да бидат понудени од страна на госпоѓата Б.н.К. кон Даниел Кајмакоски." - изјави Оливер Спасовски по што повторно беше прекинат од страна на ѕвонењето на неговиот мобилен телефон.

"Еве, дечкиве од полиција со огромна среќа и радост ми кажаа да пренесам дека 500 грама била дрогата што сме ја заплениле. Ептен беа среќни и задоволни, радува да се гледа екипата вака задоволна за тоа што сме ја победиле нарко-мафијата. Што друго да се каже, освен тоа дека навистина сум среќен што запленивме супстанца што се користи редовно меѓу младите, создава зависност, анксиозност и тресење. А освен кафето, исто така не е лошо што и дрога запленивме."

Коментари


Остави коментар