Добри вести за сите уживатели на прескапи бургери со сомнителен квалитет! Познатата франшиза за брза храна - Мекдоналдс, наскоро ќе се врати во нашата република!
Сепак, поради почитувањето на договорот со Република Грција, овој ланец на производи кај нас ќе дојде под различно име.
"МкДоналдс? Првите три букви на што те асоцираат? МКД? Хех, и после мојот драг пријател од Грција да се буни? Име ко име, не мења ништо, битен е квалитетот и играчките што одат со детското мени" - изјави Зоран Заев кој продолжи - "НмкДоналдс ќе биде, за да се знае дека мора Н пред се што потсеќа на Македонија. Да не забегуваме луѓе, кај добивме МкДоналдс, уште фали и да залетуваме со сугестии за некаква си Македонија? Ма ајде ви се молам."
Со цел да не дојдат одредени проблеми со соседите, владата на СДСМ веќе ја задолжи Мила Царовска да воведе промени во менито на НмкДоналдс.
"Видете, јас сум експерт за се. Здравство, финансии, исхрана... нема за што не ме бива. Затоа, ветувам нови, фински реформи во менито. Биг Мек ќе се вика "Просечен, не е ептен Биг, ама не е ни Мек, онака, средно тврд е". Хепи Мил ќе биде сменет во Депресивен Мил, бидејќи сепак, живееме таму каде што живееме, па срамота е да има на менито нешто што асоцира на среќа." - изјави Мила Царовска.
Премиерот Зоран Заев изјави дека едвај чека да ја пресече црвената панделка и дека уште од сега ја тренира насмевката пред огелдало.
"Едвај чекам да ја скинам. Панделката ќе ја пресечам со ножици во присуство на пар странци. Цел живот чекав да го отворам МекДонал....пардон, НмкДоналдс во нашата земја. Гледав пред некој ден и снимки на Груевски, да видам како тој тоа го правеше. Едвај чекам, ќе има ептен гужва, цела партија сме спремни да отвориме, баш пред некое време Рашковски ни пренесе што мени имале во Мексико, има супер да биде" - изјави Зоран Заев, кој не одговори дали попрво ќе дојде нова тура на вакцини или МекДоналдс во нашата земја.
Исто така не одговори и дали правилото за групирање на повеќе од пет луѓе важи за него и останатите луѓе кои ќе ја сечат панделката.